Со новозаболените 107 лица кои беа потврдени од министерството за здравство, бројката на заразени во нашата земја се искачи на 1.081 лица. Со тоа Македонија влезе во земји со висок ризик од коронавирусот. Во таа група се сите држави кои имаат над 1.000 дијагностицирани пациенти.
Советот за безбедност на денешниот состанок донесе нова одлука со која на предлог на Владата се прогласува вонредна состојба за уште 30 дена за справување со пандемијата на Ковид-19.
– Јасно е дека не само ние, туку целиот свет ќе мора да научи да живее со вирусот подолг временски период, а во меѓувреме ќе мора да изнајдеме начини животот со сите неопходни рестрикции и превентивни мерки да родолжи да функционира – рече Пендаровски, додавајќи дека Советот за безбедност ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе заседава кога за тоа ќе се јави потреба.
Присутни на седницата биле претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министрите за надворешни работи и внатрешни работи Наќе Чулев и Никола Димитров и професорите Ветон Латифи и Ненад Марковик. Не присуствувале премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче. Претходно од Владата потврдија дека по информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, е позитивен на Ковид-19, во самоизолација одат премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми и државниот секретар во министерството за здравство Владимир Милошев, кои вчера имаа средба со Димитриевски.
Од министерството за здравство соопштија дека во моментов се работи на прилагодување на досегашниот формат на прес-конференциите од Владата преку зум платформата од домот на министерот за здравство Венко Филипче, со цел веќе од утре да продолжи комуникацијата со медиумите и јавноста како и досега. Доколку во текот на следните часови се прилагоди системот, министерот Филипче ќе одржи стандардна прес-конференција од својот дом.