Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави благо релаксирање на рестрикциите за движење, но и дополнителни мерки за подигнување на лична заштита.
Во работните денови полицискиот час ќе трае од 19 до 5 часот наутро, а за време на викенд од сабота во 13 часот до 5 часот во понеделник наутро. Покрај скратување на полицискиот час, граѓаните ќе мора да носат заштитни маски или марами задолжително кога се во затворен простор, но и на отворен простор кога не може да се одржува 2 метри растојание.
Пензионерите ќе можат да се движат од 8 до 12 часот, а помладите од 18 години од 13 до 16 часот. Остануваат на сила мерките за забрането групирање на повеќе од 2 лица.
– Успешно го амортизираме ширењето на коронавирусот, имаме линеарен пораст на заболени пациенти, здравствениот систем успешно се справува, болниците не се оптеретени и тоа беа целите кои си ги дадовме – порача филипче.