Премиерот Оливер Спасовски денеска на прес-конференција ги појасни новодонесените мерки на Владата, меѓу кои е и намалувањето на полицискиот час. Тој нагласи дека намалувањето на рестриктивните мерки никако не смее да значи опуштање и неодговорно однесување, туку напротив треба да се зголеми личната одговорност.
– При секое излегување надвор строго да се придржуваме до мерките за лична заштита, да носиме заштита за лицето, односно носот и устата (маска, марама или шал), да држиме физичка дистанца од два метра и да не се групираме затоа што само така го штитиме сопственото и јавното здравје – нагласи тој.
Според новите мерки, заштитната опрема задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како што се маркетите, поштите, банките, здравствените установи, но и при користење на јавниот превоз.
На отворено заштитна опрема задолжително ќе се носи на пазарите и на отворените простории каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра.
На отворено заштитна опрема нема да ви биде потребна само ако престојувате во дворот или на терасата во сопствениот дом, на велосипед, при спортување на отворено или во патничко возило со лица со кои живеете во заедница.
Спасовски нагласи дека новите мерки се донесени врз основа на анализите и препораките на Комисијата за заразни болести при Институтот за јавно здравје и на Министерството за здравство.
Техничкиот премиер смета дека физичката прекривка на носот и устата кај сите граѓани ќе овозможи прекин на преносот на вирусот.
Уште една новина е задолжителната изолација после секое тестирање. Тоа значи дека сите домашни и странски физички лица без оглед на тоа дали имаат симптоми или не, после тестирањето влегуваат во задолжително самоизолирање сѐ до добивањето на резултатите.