На сите ни е јасно дека Ковид-19 е новиот вирус кој и понатаму се истражува, а воедно веќе почна и да мутира, па дополнително е отежнато пронаоѓањето на соодветната вакцина.
Како поминуваат деновите, сите сме веќе побудалени од предупредувања, препораки, правилата и секако од прогнози кога ќе можеме повторно да имаме нормален живот.
Како тоа изгледа, живописно најдобро го објасни сликарката Ана Капор, ќерка на еден од најпознатите српски писатели, сликари и новинари Момо Капор. Таа сѐ објасни во еден пост кој ви го пренесуваме во целост.
Здраво, Рим!
Ден четириесет и трети. Иако не сум лекар, туку сликар, сфатив дека за оваа болест нема лек и дека ги напаѓа старите, но и дека од неа умираат и младите. Но, не се работи за сериозна болест, освен кога ќе стане сериозно, а тоа не можеме да го предвидиме. Најголемиот проблем е што луѓето немаат симптоми и не знаеме дали се болни, доколку не умрат. Вирусот веќе го нема истиот интензитет, а можеби и не е така. Тоа сѐ уште не можеме да го кажеме, но ќе го знаеме ова лето. Секоја земја има своја мутирана форма или можеби е ист на целата планета. Се пренесува исклучиво преку капки, преку близок контакт на луѓето. Затоа е потребно добро да се измие подот. Всушност, улиците е потребно да се измијат од психолошки причини, за да немаме страв кога излегуваме. Но, најсигурно е да не излегуваме, освен кога е неопходно. Треба да излегуваме заради имунитетот, но во исто време е подобро да останеме дома.
Следната недела е клучна, од неа сѐ зависи. Следните три недели се клучни, од нас сѐ зависи. Децата не го пренесуваат вирусот, но всушност го пренесуваат. Најдобро би било децата што побрзо да се заразат. Децата треба добро да ги вардиме да не заболат. Тие никако не смеат да одат по паркови, треба да ги затвориме. Парковите, не децата. Потребно е училиштата да се отворат што е можно порано, но не пред јули. Маските се непотребни, можат дури да бидат и штетни ако погрешно се користат. Доволно е да држите растојание од метар и половина. Маските се неопходни, тие нѐ штитат, но не оние кои се купуваат во аптека, туку оние специјалните со шифра кои никој ги нема. Вирусот се задржува на површините и потребно е комплетно дезинфицирање. Не е потребно да ја дезинфицирате храната од продавница, бидејќи зразата не се пренесува така.
Вирусот е природен, сѐ започна поради еден слеп миш на пазар и околу тоа нема дилеми. Вирусот е вештачки, создаден е во лабораторија и тоа е повеќе од очигледно. Кинезите веднаш информираа кога почна епидемијата. Кинезите се криви за сѐ, не признаа на време што сѐ се случува. Ова лето ќе одиме на море, високите температури ќе го уништат вирусот. Ова лето не треба никаде да одиме и најсигурно е да се лекуваме дома. Русите се на чекор од пронаоѓање вакцина, наесен ќе биде готова и таа ќе нѐ спаси. Вакцината сигурно нема да биде готова уште најмалку една година. Кога ќе биде достапна никако не треба да се вакцинираме, освен ако спаѓаме во ризична група. Најважно е сите да се вакцинираат.
Наскоро вирусот ќе исчезне по природен пат. Очекуваме нов пик во септември.
Најлошото помина. Најлошото допрва доаѓа.
Што не ви е јасно?