Најмалку 2.000 евра се украдени од црковната каса, од црквата Св. Јован Крстител во делчевското село Ѕвегор, информира МИА. Станува збор за пари кои овдешните жители ги собираат последните три години и се наменети за сликање на фрескоживописот.
– Од поставувањето на иконостасот имавме собрано пари од многу наши пријатели ширум светот, како од Бугарија, така и од иселеници од Италија, Швајцарија и други земји – вели Делчо Гошев, претседател на црковниот одбор.
Рано утринава, жителите наишле на страшна глетка, црковната врата била разбиена, а парите украдени.
-Јас не забележавна почетокот дека вратата од другата страна е разбиена, влегов во црквата и видов расфрлани пари наземи и веднаш се јавив на Делчо – раскажува Антица Јанкуловска која заедно со претседателот на црковниот одбор и попот има клуч од селото.
Во моментов, полицијата сѐ уште прибира податоци за откривање на идентитетот на крадецот или крадците, а мештаните се во шок од кражбата. Велат дека првпат им се случува вакво грозно нешто.