fbpx

Агресивна дебата за 5Г, Србите бараат два часа без мобилен

На социјалните мрежи се води жестока дебата околу теорииите на заговор дека 5Г-мрежата е поврзана со пандемијата на коронавирусот. Откако на почетокот од јануари зедоа замав, не престанаа тврдењата дека фреквенции од новата безжична технологија предизвикувале Ковид-19 и дека сигналите го нарушуваат човечкиот имунолошки систем. За кратко време почнаа да се појавуваат видеоснимки со мртви птици, риби и како луѓе се онесвестуваат на улица, наводно како резултат на 5Г-мрежата.

Овие денови повторно се актуелизира овој „феномен“, особено во соседна Србија каде што е формирана и фејсбук-група на која се повикуваат граѓаните на 3 мај од 18 до 20 часот да ги исклучат мобилните телефони во знак на протест пради воведувањето на 5Г-мрежата во Србија, пишува порталот „Б92“.

– Ако можеме да бидеме во карантин и по неколку дена, можеме и два часа без мобилните. Со 5Г-мрежата може да се управува со дронови од било кој дел од светот – стои во обраќањето.

„5Г-мрежата се современи синџири кои некогаш ги носеа афроамериканските црнци“ и „5Г-мрежата е контрола и зрачење и невидлива жица за слободата на човекот“ се само дел од коментарите под апелот.

Социјалните мрежи последнов период остро се спротиставија на ширењето дезинформации во врска со 5Г-мрежата, особено откако одредени организации почнаа масовно да повикуваат на уништување на инфраструктурата која служи за 5Г-мрежа.

Сопругата на тенискиот шампион Новак Ѓоковиќ се пожали дека ѝ е избришена објава на „Инстаграм“ со видеоснимка од д-р Роберт Кон кој развојот на коронавирусот го поврза со имплементацијата на 5Г-мрежата ширум светот.

На различни континенти не стивнуваат дебатите дали оваа мрежа е безбедна или не. И додека во Бирмингем и во делови во Холандија се палат андери и базни станици, во Јужна Кореја, на пример, се очекува годинава да бидат продадени речиси 8,5 милиони 5Г-уреди, а во Кина трите главни мобилни оператори објавија дека 5Г-пораките наскоро ќе ги испратат во историјата стандардните СМС-пораки.

Следни Објави

Животот му го посветив: Оџаклиевска за изолацијата со аутистичниот внук

Легендарната пејачка признава дека волонтерите и прекрасните соседи ѝ носат намирници додека со сите сили се бори со болеста на десетгодишниот внук Секогаш ведра и насмеана, Маја Оџаклиевска не дозволува психолошки да падне дури и кога животот ѝ сервира непредвидливи и помалку пријатни ситуации. Легендарната пејачка во сѐ бара нешто […]