fbpx

Иван: Како после 56 дена берберот пак ме направи човек

Го чувствував растењето на секој милиметар. Под брадата како да имав огромен мравјалник. Тој одраз во огледалото секое утро ме потсетуваше на полудениот Том Хенкс, со години заборавен на пустиот остров. Нефарбаните коси кај педантните дами беа бедна бенигна последица од затворањето на фризерските салони во однос на мојот фацијален Чернобил

Точно се сеќавам на денот. Беше трети март кога ја средив брадата. На излегување од берберскиот салон воопшто не ми паѓаше на памет дека во наредните 56 дена ќе сонувам за местото каде што се „разубавувам“.

Коса немам веќе со години. Поточно кога конечно се уверив дека фризурата ми е „ефект на печурка“ после нуклеарна експлозија, па универзумот ми даде знак конечно да ја избричам главата. Од тој ден особено посветувам внимание на брадата. Ја препуштам во рацете на професионалец, барем три пати месечно. И тоа не во некој евтин салон во соседството каде под ист кров се вршат сите козметички работи на овој свет, туку во специјализиран салон кадешто секое влакно го добива заслужениот третман. Кога еднаш ќе ја почувствуваш уметноста на врвен бербер, никогаш повеќе нема да сакаш да го напуштиш тој свет.

Веќе на први април почнав често да се распрашувам кога ќе ги отворат фризерските салони. Ми се намножија многу бели влакна, тие сребрени проклетии како во времето на изолација да растеа со неверојатна брзина. И не само тоа, туку и остатокот од брадата се однесуваше како амазонска џунгла. Среќа мојата Ива има некои ластичиња за коса, па последните денови почнав да си правам и кикици за да не полудам.

Да нагласам, брадата почнав да ја пуштам како идеална камуфлажа за подбрадокот и за дебелите образи. Сепак кога истата ќе почне неконтролирано да расте, перцепцијата се менува, па и камуфлажата губи смисол. Кога одлучија повторно да ги отворат фризерските салони, во нашиот мал дом на среќата и немаше крај. Во истиот момент се јавив да закажам термин. Мораше да се помирам дека ќе чекам дури два дена поради ненормална гужва.

Дојде и тој ден. Зафатот траеше 45 минути, брадата доби свој засебен живот. Секое влакно е на своето место и ја игра својата улога баш таму кадешто припаѓа. Дури и оние белите не штрчеа повеќе, туку таман колку што треба. Тоа чувство на задоволство, таа самодоверба нема цена, особено во ова време на корона. Ги бројам деновите до новиот термин.

Иван Јовановиќ

Следни Објави

Одмор во Грција: Работа од јули, хотелите како клиники

Потребни се здравствени критериуми и протоколи за работа. Сѐ уште е рано да се каже кога конкретно и официјално ќе почне туристичката сезона во Грција, вели Григорис Тасиос, претседателот на Грчката федерација на хотелиери за МИА. – Во овој момент не постојат здравствени критериуми за работа, за кои до 15 […]