Потребни се здравствени критериуми и протоколи за работа. Сѐ уште е рано да се каже кога конкретно и официјално ќе почне туристичката сезона во Грција, вели Григорис Тасиос, претседателот на Грчката федерација на хотелиери за МИА.
– Во овој момент не постојат здравствени критериуми за работа, за кои до 15 мај, преку дијалог со државата ќе се обидеме да ги направиме колку и да е тоа тешко, бидејќи, да не се лажеме, треба хотелите да функционираат како да се клиники – објаснува Тасиос во разговор со дописничката на МИА од Атина, Сања Ристовска.
Тасиос нагласува дека е важно и тоа како ќе се регулира пристигнувањето на туристите, што точно ќе се бара од нив, дали тоа ќе биде некаков вид здравствена потврда, но објаснува дека одговорноста и гаранциите за здравствената состојба на туристот ќе треба да ги има неговата матична земја, а не Грција.
Според планот на грчката Влада за постепено олабавување на мерките и постепено префрлање во новото секојдневие, отворањето на хотелите и туристичките објекти е планирано за месец јуни. Хотелите што работат во текот на целата година, предвидено е да се отворат во јуни, додека пак сезонските туристички објекти се во последната, седма фаза од планот, без засега да биде одреден конкретен датум.
– Сезоната, веројатно се чини дека ќе почне од јули и повеќе не постои прашањето за сезонско работење на туристичките објекти и хотели или во текот на целата година, веќе сѐ е исто. Премногу е рано да се каже колку од хотелите ќе работат – вели претседателот на Грчката федерација на хотелиери во интервју за МИА.
Тасиос вели дека ситуацијата е многу тешка, бидејќи сезоната теоретски е загубена и станува збор за само два месеци кои не се доволни.
До 15 мај 2020 година, во прекин е поврзувањето на Грција со нашата земја. Се очекува, како за авионскиот сообраќај, така и за копнените граници, мерката да се продолжи и по овој датум, па неизвесно е кога најрано ќе можеме да уживаме на грчките плажи.