По појавата на коронавирусот, на Факултетот за ветеринарна медицина започнаа и со тестирање на вирус кај животните и потврдени се неколку случаи на говедски коронавирус, информира телевизија „21“.
– Направивме и неколку прелиминарни испитувања на материјали кои што ги имаме од животни кои што имале репираторни заболувања и кај добар дел од нив, можам да кажам и очекувано потврдивме присуство, меѓутоа на говедски коронавирус. Тоа е вирус кој што е аналоген на вирусот кај луѓе кој што предизвикува обична настинка – вели проф. д-р Кирил Крстевски.
Професорите велат дека пристапот е ист како и кај луѓето, започнале со истражување откако во светот се појавиле случаи на заразени домашни миленици со коронавирус.
– Пристапот дијагностички е идентичен и кај животните како и кај луѓето. Во соработка со нашата универзитетска клиника, случаите на домашни миленици каде што постои индиции на респираторни заболувања ги тестираме на присуство на овој вирус – вели Крстевски.
Коронавирусот за нив не е непознат, бидејќи се појавувал сезонски кај одредени животни, предизвикувајќи респираторни и дигестивни проблеми кај говедата.
Мачките се едни од животните кои имаат најголеми сличности во рецепторите кои што се одговорни за навлегување и инфекција на вируси. Но не изостануваат ниту говедата и овците.
Засега случај на коронавирус од човек на мачка има регистрирано само во Франција. Експертите апелираат да се држи физичка дистанца од своите миленици.
„Луѓето кои што се заболени и имаат миленичиња, да ги лимитираат своите контакти со домашните животни и да ги третираат како било кој друг член од своето семејство. Не заради друго, туку затоа што тие се примчиви и може да бидат инфицирани од вирусот“, вели Крстевски.
Видеото можете да го погледнете ТУКА!