fbpx

Не го познаваа како човек: Колегите се простуваат од Вучиќ

Сите од македонската естрада утрово со неверување ја примија веста за смртта на познатиот музичар и шоумен Драган Вучиќ. На социјалните мрежи веќе масовно се споделуваат статуси во негова чест.

Никогаш нема да заборавам дека беше меѓу двајцата колеги, кога пред 3 години бев во болница, што редовно ми се јавуваше да праша како сум. Кој не те познаваше лично, не знаеше ништо за тебе како човек. Почивај во мир! – напиша на „Фејсбук“ неговиот пријател и колега Ване Марковски.

Карактерот на луѓето вистински го запознавате позади камерите, напиша радиоводителката Вики Ристоска.  

– Пред 15 години, во Канал 5 имав прилика да го запознам вистинскиот Драган. Е тој Драган беше голем човек. Вистински. Колега каков ретко може да се најде.Ме вознемири информацијата за неговата смрт. Прерано. Спомените секогаш ќе говорат за твојата големина, која беше забележлива само кога камерите беа исклучени. Мирно небо Драган. Почивај во мир – напиша Ристоска.

Емотивна посвета за Вучиќ објави и пејачката Елена Велевска.

– Ми помогна кога започнував, беше првиот кој ми даде шанса и со тебе го заработив првиот хонорар. Беше и ќе останеш голем човек, човек кој несебично беше до мене кога најмногу ми требаше. Среќна сум што те познавав. Остави многу, за тебе твоите дела ќе зборуваат.. А нашиот последен разговор? Септември нешто ново,м? Ти благодарам за се! – пишува Велевска.

Водителката Милена Антовска Станковска открива дека пред неполн месец се сретнале случајно, двајцата со заштитни маски пред една аптека.

– Не можевме да се поздравиме и гушнеме заради ситуацијата, но си рековме дека ќе се слушнеме и ќе се видиме кога ќе заврши короната. Денеска со огромна болка во душата пробувам да ја прифатам информацијата дека повеќе те нема. Во мислите сум со твојата сопруга и твојот син и им ја пуштам цела сила да го пребродат ова. Кој што сака нека каже, ти Драган Вучиќ за мене беше и ќе останеш прекрасен пријател и највеликодушен човек на цел свет. Секогаш ќе се сеќавам на многубројните дружења од кои за жал немам многу фотографии, но имам спомени за цел живот. Ти си легенда на македонскиот телевизиски етер. И не е случајно што заминуваш на ист ден со Гоце Делчев, Васка Илиева, Тито… Почивај во мир драг пријателе – вели Милена.

Водителката и пејачка Бојана Скендеровски порача дека иако бил институција, не сме го почитувале.

– Сите ние можевме да учиме од тебе како се работи телевизиската работа, ти имаше сенс, во секое ново време ти добро се снаоѓаше, беше поддршка на сите нови музичари кои се појавуваа, безброј пати гостував во твоите емисии, ти беше људина, и човек со големо срце, карпа човек, и мислев дека на таквите како тебе не може ништо да им биде.. Патувај мирно.. Нема да бидеш заборавен, сигурна сум во тоа – напиша Бојана.

Откако дознал за неговата состојба и дека е хоспитализиран, порака му пратил и Панчо од „ДНК“.

– Без размислување му пишав СМС за поддршка и побрзо закрепнување. Ми врати едноставно во негов стил : ТИ СИ МИ ЕДНО ГОЛЕМО СРЦЕ.. Епа денес тоа срце е тажно. Загубивме еден ГОЛЕМ ЧОВЕК пред се татко, дедо, музичар, шоумен, професионалец и дефинитивно еден од најхаризматичните ликови во нашата земја и естрадата. Ми беше чест што те познавав. Длабоко сочувство до фамилијата и блиските. До следно наше гледање пријателе. Легендите живеат вечно – напиша Панчо.

Можеби ќе ве интересира:

Воздржете се: Турунџиева удри по лицемерните колеги

Вчера беше сѐ во ред: Мартин низ солзи за татка си

И покрај напорите на лекарите, му подлегна на вирусот: Филипче за Вучиќ

Го почитуваа луѓе кои никој друг не ги почитува

Следни Објави

Вчера беше сѐ во ред: Мартин низ солзи за татка си

Вистина е, почина татко ми од тоа зло, низ солзи потврди Мартин Вучиќ за порталот „mms.mk“. Во кусиот разговор тој открива дека пред десетина дена семејството дознало дека Драган е позитивен на Ковид-19, но дека не било страшно. – Вчера ѝ се јавиле на мајка ми дека сѐ е во […]