Доживотна казна затвор доби обвинетата Б.П. од Дебар која на 26 август 2018 година во семејната куќа ги уби родителите и малолетната сестра, информира МИА. Пресудата ја донесе Основниот суд во Гостивар, а Б.П. е осудена на доживотен затвор за три кривични дела – убиства.
Еден од обвинетите кој ѝ помагал на обвинетата е осуден на 10 години затвор, а за другиот обвинет е изменето кривичното дело и по одлука на судот, постапката за него ќе продолжи за сторено кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Гостиварското обвинителство е незадоволно од одлуката на судот за двајцата обвинети кои го помагале извршувањето на убиството и се најавува жалба на пресудата.
Доживотната казна затвор за сега осудената Б.П. следи по сеопфатната истражна постапка во која Обвинителството обезбеди докази, а со кои во текот на судењето докажа дека таа во семејната куќа во Дебар, пукајќи од непосредна близина со пиштол со калибар 7,65мм најпрвин ги лишила од живот сопствените мајка и татко, а потоа и малолетната сестра. Еден ден пред извршувањето на кривичното дело, осудената телефонски контактирала со второосудениот и се сретнала со него во Гостивар. Тој изнајмил возило и заедно се упатиле кон Дебар за да набават оружје. Истиот ден, во близина на градската болница во Дебар, се сретнале со третообвинетиот, кој им обезбедил пиштол и рамка со пет куршуми. По извршувањето на кривичното дело, осудената се упатила во Струга, каде се сретнала со второосудениот и му ги дала клучевите од изнајменото возило да го врати во Гостивар, по што таа со такси отишла на аеродромот во Скопје од каде со авион заминала за Италија.