„Најдобро од Влатко“ ќе биде насловено цедето со необјавени песни од Влатко Илиевски кое наскоро ќе биде издадено. Се подготвува и монографија која ќе ја работи новинарот Иван Бечковиќ во која ќе бидат опфатени поважните моменти од неговата кариера.
Ова во интервју за весникот „Нова Македонија“ го откри Драган Илиевски-Вршац, таткото на прерано починатиот актер, пејач и музичар.
Признава дека и по нецели две години од трагедијата, за него сѐ уште е болно и многу емотивно да зборува за својот син.
– Реакциите на неговата појава беа бурни. Многумина велеа дека тој изгледа како да не е од оваа планета. Освен со својата убавина, тој допираше до луѓето и со својата добрина. Никогаш за никого не сум го слушнал да каже лош збор – вели Илиевски.
Тој открива дека по иницијатива на неговите најблиски соработници, меѓу кои се Владимир Дојчиновски-Дојчин, Ристо Самарџиев и членовите на групата „Морал“, се подготвува и настан со работен наслов „Пријателите за Влатко“ што би требало да прерасне во традиција.
– Овие концерти треба да нѐ потсетат на радоста и позитивната енергија што Влатко ги ширеше околу себе. Секаде каде и да се појавеше, и тука и во странство, се менуваше целата атмосфера. Имаше харизма и допираше до луѓето. Јас одев на сите негови концерти и, се разбира, бев многу горд на сѐ што постигна – раскажува Илиевски.