Според проценките на Комората на угостители,за еден објект со посериозен капацитет, дополнителните обврски би чинеле околу 3.000 денари дополнителни трошоци дневно. Оваа сума се однесува на набавка на дезинфекциски средства, заштитна опрема, дезобариери.. За таа цел, во нивнот предлог од аспект на превенција, бараат да им се помогне колку што е можно со обезбедување на тие средства или во вид на понатамошна рефундација или субвенција за што очекуваат одговор од ресорните министерства.
– Ние изразивме спремност и под строги мерки да ги отвориме објектите само да ни се дозволи подобар капацитет и нормално работно време. Ние дадовме конструктивни предлози и тие се реални и рестриктивни и за самите нас. Сите сме свесни во која фаза се наоѓаме и дадени се високохигиенски стандарди, така што мислиме дека ќе прифатат добар дел наместо да отфрлат – вели Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко угостителската комора при ССК.
Тој денеска го претстави сетот на мерки за реализација на кампања чија цел е поддршка за секторот, да се постават нови стандарди за работа, за долгорочно да се придонесе за подобрување и унапредување на состојбата во угостителството.
Експресно им одговори и премиерот Оливер Спасовски.
– Мислам дека вакви предлози покажуваат оти освен личниот интерес не гледаат ништо подалеку, ниту на интересот на државата, ниту на зачувувањето на економијата така што очекувам предлог од угостителите како и на кој начин директно ќе ги врземе софтверите, државата и угостителите, и да нема сива економија во нивните угостителски објекти – порача Спасовски.