Претседателот Стево Пендаровски одлучи да ја продолжи вонредната состојба на ниво на цела држава во наредните 14 дена. Ова беше одлучено на штотуку завршената шеста седница на Советот за безбедност.
– По широките консултации во изминативе денови, а и денеска со експерти од повеќе области и со советниците во Кабинтот, а врз основа пред сѐ на кажаното и предложеното на седницата на Советот, одлучив да прогласам нова вонредна состојба во траење од само 14 дена, наместо бараните 30. Со оглед на позитивните трендови на справување со состојбата сметам дека 14 денови се доволни. Причината за ваквата состојба е потребата од имплементирањето на економско-социјалните мерки за ублажување на последиците од пандемијата кои веќе сега се чувствуваат како резултат на фактот што огромен број на фирми не работеа и сѐ уште не работат -образложи Пендаровски.
Покрај претседателот Пендаровски, на седницата беа присутни и техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, претседателот на Собранието, Талат Џафери и доктор Караџовски на барање на Претседателот.