Повторно ќе бидат воведени рестрикции во некои места ако тоа го наложи епидемиолошката состојба, потврди на денешниот прес Венко Филипче.
Тоа го анализирале денеска на состанок на Комисијата за заразни болести и ќе ја следат будно состојбата во наредните денови. Засега се уште нема потреба од таква мерка зашто се следат кластерите на вирусот, порача министерот за здравство.
Карантински мерки може да бидат воведени за општини каде има зголемен број на новозаразени. Тоа се Сарај, Чаир, Гази Баба и Аеродром каде има поголема концентрација на новозаразени од периодот на строгите рестриктивни мерки.
Според Филипче, загрижува тоа што граѓаните не ги почитуваат препорачаните мерки за носење маски и дистанца, а има и прекршувања на решенијата за изолација и движење надвор од карантинот, има групни собирања, како и несоработка со епидемиолозите, давање лажни податоци и адреси за да не им се достават решенија за изолација. Тој рече дека ќе има посилни контроли, а од МВР побара поголема ажурност и санкционирање.
Нагласи дека и покрај олабавувањето на мерките и укинувањето на полицискиот час, мерките за заштита остануваат и, како што рече, тие се јасни и не се тешки за да се применуваат.
– Огромен број граѓани не се свесни за вирусот и болеста. Занемарување на вирусот нема да ни помогне, туку ја отежнува ситуацијата – предупреди Филипче.