На 65-годишниот Британец Хју Молеј лекарите му дале само 10 минути да се збогува од семејството пред да биде пуштен на респиратор поради влошување на симптомите од коронавирусот, пишува „Дејли меил“.
По една недела тој конечно бил примен во болницата на 20 март, а следниот ден, околу 4 часот наутро, неговото ниво на кислород во крвта драстично се намалило. Единствената надеж била респираторна поддршка.
На Хју му било кажано дека тој веројатно нема ни да се разбуди и додека чекал да го успијат за да го интубираат, ги викнал сопругата и ќерките да се збогуваат.
– Имав толку малку време, морав да размислувам брзо да кажам нешто значајно – изјавил Молеј.
Се наоѓал во индуцирана кома 9 дена и иако лекарите мислеле дека нема надеж, тој се разбудил!
– Првите неколку часови по будењето беа како сон, како фантазија. Се сеќавам на мало чешање во градите каде беше респираторната цевка. Се сеќавам дека некој ме прашуваше дали би можел да се кренам од кревет. Не можев да го сторам тоа со денови. Нозете ми беа како олово. Не бев дехидриран, но чувствував ужасна жед – раскажал пациентот.
Неговата сопруга плачела од среќа кога повторно го слушнала два дена откако се разбудил. На семејството не му било дозволено да го посети, но две недели подоцна, кога тој бил пренесен од интензивна нега на одделение, можеле да се видат само преку стакло.
– Мојот син ме праша: Тато, дали конечно можам да те прегрнам? Тогаш бев сигурен дека сум закрепнал – вели Хју во интервју за „Дејли Меил“.