„Очекувањата се дека вакцината ќе дојде во 2021, но не можеме да бидеме сигурни, тоа се најави од повеќе компании коишто работат на пронаоѓање на вакцината, меѓутоа последните предвидувања за тоа како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата во целиот свет е дека ќе има случаи во 2022 година и до 2024-2025 година“, истакна министерот Венко Филипче во вечерашната емисија „Клик Плус“ на ТВ21.
Тој додаде дека тоа значи дека откако ќе се пронајде вакцина треба да се создаде имунитет, односно прво треба да се вакцинираат голем број на луѓе.
Во дебатниот магазин на ТВ21 Филипче изјави и дека дел од лекарите се преморени и упати и апел до граѓаните дека со одговорното однесување може многу да им помогнат.
Тој посочи дека најголем процент од медицинскиот персонал е заразен надвор од работните места или за време на контактите помеѓу вработените на работното место. Филипче додаде дека за тоа доказ е Инфективната клиника каде се лечат најмногу пациенти.
На крајот од интервјуто Филипче проговори и за неговата најголема обожавателка Lide Lide. „Кога ќе заврши кризата-ДА!“, одговори тој на прашањето дали конечно ќе ѝ ја исполни желбата да се запознаат и да испијат кафе.