По денешниот инцидент во Градската општа болница „8 Септември“ кога докторка беше нападната од семејство на пациентка која по неколку дена болничко лекување почина од коронавирусот, се огласи и министерот за здравство Венко Филипче.
Во случајот интервенираше и полицијата која приведе неколку члена од семејството на починатата. Тие се обиделе насилно да го земат телото без да го спроведат соодветниот протокол за лица починати од Ковид-19.
– Ова е чин на крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот. Ова е дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата.
Овие луѓе со месеци ги немаат видено своите семејства, ги немаат прегрнато своите најблиски, немаат ден одмор и оддишка од напорната работа. Најостро го осудувам овој инцидент.
Колегите кои се борат со преку 100 пациенти сместени во болницата заслужуваат само поддршка и разбирање, а не закани. Цврсто сум уверен дека тие постапиле професионално и согласно протоколите и ги повикувам надлежните да го истражат случајот и да постапат соодветно – напиша Филипче на „Фејсбук“.