Слободните радикали предизвикуваат развој на многу болести, а со нивното влијание се занимаваат многу светски научници и нудат различни програми со антиоксиданси
Што се слободни радикали, зошто се јавуват масовно и кога и дали може на нив да се делува, објаснува специјалистот по интерна медицина, д-р Ивица Јеремиќ, од Институтот за ревматологија.
– Слободните радикали настануваат и со активностите на ензимите кои се задолжени за детоксификација на токсичните материи и лекови во црниот дроб, а многу зависи и од надворешните влијанија, бидејќи аерозагадувањето предизвикува силно создавање на слободни радикали – појаснува д-р Јеремиќ.
Денес постојат научни докази дека слободните радикали се поврзани со повеќе од 150 болести. Слободните радикали, односно оксидативниот стрес, експертите го поврзуваат со кардиоваскуларните болести, со дијабетес, карцином, стареење, Алцхајмерова и Паркинсонова болест.
– Се смета дека атеросклерозата започнува и ја одржуваат слободните радикали и тоа е посебно важно, бидејќи срцевите и мозочните удари како последица на атеросклероза денес се најважниот индикатор за смртност во средно и високо развиените земји – истакнува д-р Јеремиќ.
Слободните радикали учествуваат во создавањето на дегенеративни болести на нервниот систем, како што се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест. Исто така имаат големо значење и во настанокот на катарактата.
Намалениот внес на храна помага во продолжување на животот, го одложува и појавувањето на канцерот, а ги чува и мозочните функции за време на стареењето. Меѓутоа тоа не значи дека калориите треба да ги сведете на минимум. Дневниот минимум за снабдување на организмот со есенцијални хранливи материи е околу 1.400 калории.
Сонцето е опасно
И сончевото зрачење може директно да оштети одредени молекули во нашата кожа и да создаде слободни радикали. Општо е познато колку сончевото зрачење го забрзува стареењето на кожата и го зголемува ризикот од меланом.