Познати македонски музичари, но и многу други граѓани со различни профили денеска бурно реагираат на социјалните мрежи откако дознаа дека српскиот поп-пејач Жељко Јоксимовиќ е дел од годинашната програма на „Охридско лето“.
Неговиот настап на јубилејното 60-то издание во Античкиот театар го потврди и директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ.
„Во ова време-невреме, на негово место би стаил 20-тина македонски групи/бендови, со просек 4-5 члена од бенд, 100-тина македонски фамилии ќе земеа некој денар…А и не дека не бил. Пак ќе упатам апел до Владата на Република Северна Македонија, како и до организаторите на фестивали и до општините организатори на културни лета и слични манифестации кои црпат од буџетот на Македонија – Само македонски музичари“, вели Никола Бочваров.
Организаторите на „Охридско лето“ информираат дека сите настани ќе се одржат на отворено, на сцените на Античкиот театар, Долни Сарај и Предворјето на црквата „Св. Софија“. Капацитетите ќе бидат исполнети само со 50 отсто гледачи, а задолжително е носење маски.