Уште една трагедија утрово оддекна во Холивуд. На 57 години почина актерката Кели Престон, сопругата на славниот Џон Траволта. Две години водеше битка со карцином на дојка, на крај не успеа да победи.
– Одбирајќи ја својата борба да ја задржи приватна, таа беше подложена на лекување подолго време, поддржано од нејзиното најблиско семејство и пријатели. Таа беше светла, убава и љубезна душа која се грижеше длабоко за другите и која носеше живот на сè што ќе допре. Нејзиното семејство бара разбирање за нивната потреба од приватност во ова време – информира семејниот портпарол.
Престон и Траволта со години бараа начин да го сочуваат бракот, откако во јануари 2009 година почина нивниот син Џет на само 16 години. Двојката има уште две деца, ќерката Ела (20) и синот Бенџамин (9).
Кели Престон е родена на Хаваи. Студирала актерска игра на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Кариерата на големото платно ѝ почна во 1985 година со филмот Mischief. Последната филмска улога ја имаше пред две години во Gotti, остварување во кое играше сопруга на мафијашки шеф.
И покрај бројните афери на Траволта, вклучувајќи ја и онаа за неговата наводна сексуална ориентација, тие останаа заедно цели три децении.