Пејачот Ѓоко Јовиќ викендов имаше настап во познат клуб во Струмица, а видео од забавата споделено на социјалните мрежи стана вирално. На истото се гледа дека присутните не се придржуваат ниту кон едно од правилата на однесување во време на пандемија. Во публиката никој не носи маска, ниту пак одржува дистанца.
На спорното видео е документирано како ѕвездата на вечерта ги повикува организаторите да „појачат“ светло за со фановите да направи селфи за „Инстаграм“.
Фотографија од истата забава сподели и д-р Ненад Лазаров, еден од македонските здравствени работници кој ужива голема популарност на „Фејсбук“.
„Има еден Марфиев закон: Никогаш не повторувај успешен експеримент. Секаде во светот каде вакво нешто ко журкава се случи, имаше жртви, зошто некој би можел да очекува кај нас да е поинаку, идиоти едни“, напиша д-р Лазаров во објавата.
Она што особено загрижува е што викендов масовни собирања се случувале во уште неколку македонски градови, меѓу кои е и Прилеп кадешто наводно викендов е направена следнава фотографија.
Својот револт на „Фејсбук“ го изрази и гевгелискиот епидемилог Сашко Олумчев.
– Да беше маскенбал сите ќе носевте маски. Смејте се сега, во ноември ќе плачете. Јас ви кажав – им порача тој на неговите следбеници.
И министерот за здравство пред малку ги осуди ваквите настани.
– Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19. Барам итно надлежните институции – МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин! Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, да носат задолжително заштитни маски, да одржуваат хигиена и дистанца. Клучно е сите да ги почитуваат мерките за да се спречи ширењето на вирусот и секое непочитување на мерките да биде соодветно санкционирано – напиша Венко Филипче на „Фејсбук“.
Министерството за здравство вчера објави рекорден број на заразени од Ковид-19 во нашата земја. Досега починаа 414 лица.
Р.М.