Главниот советник на Управниот одбор на Стопанска комора на Македонија за економски прашања, Зоан Јовановски, со објава на социјалните мрежи им порача на граѓаните дека мора да почнат ги почитуваат мерките против Ковид-19.
Според него, со продолжувањето на здравствената криза сѐ повеќе тоне и економијата. Јовановски открива дека државата има позајмени средства за јавна потрошувачка до септември.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост.
„Каде и да се сврти во земјава, човек ќе види многумина без маски и без било какви обѕири за целава ситуација. Некого го мрзи, некој мисли не постои вирусов, некој од чист сеир или инает, секој со своја причина.
Тоа е така затоа што кај голем дел од населението си постои генерална безгрижност. Кај администрацијата платите си доаѓаат во цел износ, пензиите исто. Работел, не работел приватниот сектор, за државниот сектор е сѐ исто како и пред коронава. Дел од приватниот сектор исплаќа минимални плати само за да не отпушта.
Тоа е така затоа што државата на сите страни расфрла пари позајмени од странство. А тие пари ќе завршат. Набрзо, веќе во септември. Тогаш ќе дојде ударот и моментот на вистината. И намалување на платите и сѐ друго.
Е ТОГАШ, ќе сфатат сите дека ИЛИ ќе носат маски и ќе бидат дисциплинирани и здравственава криза ќе се стави под контрола и фирмиве ќе работат, а буџетот државен колку-толку ќе се полни ИЛИ ќе има тешки економски последици, помали плати, отпуштања.
Жално е што ситуацијава со коронава не можеме да ја надминеме со свест и разбирање, ама тоа e, ќе научиме на потешкиот начин..“