Како може повторно да пресметуваат ДДВ на завршено тромесечје. Ги имав собрано максималните 1.800 денари, а сега ми покажува дека треба да ми бидат исплатени 1.683 денари, се жали скопјанката М.Ј.
Таа е само една од многуте револтирани граѓани кои се затекнати од новата владина одлука која дефинитивно не е во нивна полза.
Тие се жалат дека по проверка на извештајот во апликацијата „Мој ДДВ“, многумина се оштетени со износот, некои за дури 300 денари за тромесечијето од април до јуни.
– Завршија изборите, сега ни ги собраа парите. Од нас почнаа да кратат кои се „убивме“ од скенирање. Ја имав обезбедено максималната сума и престанав да собирам сметки. Да знаев дека ќе биде вака, ќе продолжев да скенирам – ни изјави друг граѓанин.
Пред неколку дена од УЈП најавија дека ќе се прави нова пресметка на повратот на ДДВ кај граѓаните.
– За второто тримесечје, поради измената, кај македонските производи ќе се врши поврат од 20 отсто, а кај странските од 10 отсто. Заради тоа износот на повратот на ДДВ кај физичките лица за второто тримесечје може да претрпи промена – соопштија од Управата.