Епидемиологот, д-р Александар Стојанов, директор на Центарот за Јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести, предупредува дека со непослушноста на граѓаните може да ни се случуваат и четирицифрени бројки на инфицирани со Ковид-19 на дневна основа, нагласувајќи дека во нашава земја сериозно недостасуваат казни.
– Крајно сум разочаран од однесувањето на граѓаните. За сѐ да функционира како што треба, без речиси никаков ризик од зараза со вирусот се дадени протоколи. Но, никаде, ама баш никаде не се почитуваат како што треба. Дури 90% од мерките и протоколите не се спроведуваат. Нормално е да имаме вакви бројки. Јас не можам да разберам дека голем дел од граѓаните сѐ уште не веруваат дека вирусот постои, а посебно ме загрижува тоа што дури и здравствени работници велат дека Ковид-19 не постои. Се додека владее ваквото мнение, и се додека свеста на народот не се промени, а да бидам искрен и не очекувам да се случи пресврт, Македонија ќе биде ризична земја кога станува збор за ширењето на заразата со корона вирусот – вели за Фактор д-р Стојанов.