На почетокот на пандемијата научниците истражуваа зошто жените заболуваат помалку од коронавирус во споредба со мажите, па имаше теорија дека ги штити естрогенот.
Сега најново истражување покажа дека жените во пост-менопауза имаат значително поголем ризик да развијат тешки симптоми на корона, а сето тоа повторно се поврзува со естрогенот.
Всушност, научници од Кралскиот колеџ во Лондон тврдат дека лачењето на естроген нуди поголема заштита од коронавирусот.
До овие податоци е дојдено по анализа на околу 600.000 жени кои ја користат апликацијата Covid Symptom Study. Тие секојдневно ги информирале истражувачите како се чувствуваат, па се покажало дека дамите во пост-менопауза имаат 22 отсто поголем ризик да развијат сериозни симптоми, наспроти жените кои сѐ уште имаат менструација.
Исто така, се покажало дека кај нив е поголема веројатноста да бидат хоспитализирани и да им биде неопходна респираторна поддршка.
Според добиените податоци, жените во рана менопауза имаат помала веројатност сериозно да се разболат од корона, како и оние коишто се на комбинирани контрацепциски таблети, бидејќи истите содржат естроген.
Естрогенот е инаку главен полов хормон кој е одговорен за развојот и за регулацијата на женскиот репродуктивен систем. Нивото на естроген опаѓа кај жените во менопауза и може да влијае на функционирањето на телото, па дури и на имунолошкиот систем.