Вкупно единаесет се симптомите на Ковид-19 кои се докажани од лекарите. Треска, кашлица и останување без здив беа првите три „официјални“ симптоми, но како напредуваа истражувањата, така се прошируваше и списокот. Официјално потврдените симптоми се јавуваат два до 14 дена по изложеноста на вирусот.
Зголемена температура и/или треска
Ова е еден од најчестите знаци на Ковид-19. За малку покачена температура се смета дека е над 37,2, покачена над 38, а многу висока над 39.
Кашлица
Кај заболените често се јавува суво кашлање, без исфрлување никакви секрети, слуз или плунка.
Краток здив
Се јавува кај тешки случаи на Ковид-19. Може да варира во сериозноста, од краток здив при нормална активност (како на пример одење по скали) до проблеми со дишењето и во мирување.
Замор
Може да се чувствувате исцрпени, поради борбата на телото против вирусот.
Болка во мускулите и по целото тело
Тоа е типичен симптом на други вирусни инфекции, вклучително и грип, и може да биде директен резултат на зголемена температура и треска. Лекарот за семејна медицина, Дејвид Катлер, појаснува дека треската може да предизвика болка низ целото тело, како дел од реакцијата на воспалението.
Главоболка
Несоницата, изгубениот апетит и дехидрираноста можат да предизвикат сериозна главоболка.
Губење на чувство за мирис и вкус
Губењето чувство за мирис и чувството за вкус се издвојуваа како невообичаени симптоми на Ковид-19, но всушност таков феномен веќе е забележан кај луѓе кои веќе се заболени од вирусот. „Вирусите можат да предизвикаат воспаление на мембраните во ноздрите, што предизвикува отекување и да ја променат можноста да чувствуваат вкус и мирис“, објасни Д-р Кеј.
Болки во грлото
Корона е респираторен вирус, што значи дека може да предизвика формирање на прекумерна слуз, која потоа тече од носот во грлото. Со постојано кашлање, овој феномен може дополнително да го иритира грлото.
Затнат нос
Овие се вообичаени симптоми кај други вирусни респираторни заболувања, како што се грип или обична настинка. Со Ковид-19, назалниот застој може да биде директен резултат на оток во ноздрите што исто така влијае на вашето чувство за мирис.
Гадење или повраќање
Има неколку теории. Едната од нив е дека овој вирус може да предизвика проблеми со желудникот, бидејќи истиот влегува во човечкото тело преку рецептори кои постојат и во горниот и во долниот дел на гастроинтестиналниот тракт.
Дијареја
Една студија објавена во американскиот журнал за гастроентерологија откри дека кај повеќе од 200 луѓе со поблага форма на Ковид-19, дијареата е првиот симптом кај скоро 20 проценти од нив.