fbpx

Иванов: На луѓе им паѓа кичма на лозјето, а вие се чепатите со цигара и чаша вино

Извинете, јас досега не приметив текстилна работничка, земјоделец, продавачка, трговец на мало, бербер, кројач, електричар, водоводџија, пазарџија или било кој во таа категорија на луѓе, оние што живеат „од рака до уста“, во смисла дека го имаат за јадење само она што можат денес да го заработат со рацете, да се залага и бори за седење дома и од септември натаму.

Стварно извинете, можеби помалку и грешам, но за мене претставува чист снобизам и елитизам кога луѓе што и покрај кризата можат да живеат удобно и да седат дома, се поставуваат надмено и „попуваат“ колку овие луѓе биле неодговорни и непромислени, небаре се неандерталци, не си ги сакале децата зашто мислеле да ги пуштат во градинка или училиште, дека немале никаква почит за трудот докторите и сестрите, ќе биле виновни зошто нивното седење дома ќе било за џабе, итн.

Почитувано граЏанство, кон никого ништо лично, но, вака вулгарно да се изразам, ако на тие луѓе не им паѓа кичмата додека го берат тутунот и грозјето сега, во октомври вие не ќе можете да ставате слики по Фејсбук и Инстаграм како држите цигара и чаша вино, божем читате книга, притоа апелирајќи да се седи дома, прикажувајќи се себеси дека, ете, вие сте тие „совесните и одговорните“, наспроти останатата раја…

Ништо ново под сонцето, ситиот сѐ уште не може да му поверува на гладниот, со таа разлика што сега ситиот може додатно да филозофира и да се чепати по социјални мрежи.

Филип Иванов

Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“

Следни Објави

Зборовите на Марко болат: Дојдете и кажете ми дека вирусот не постои

„Дојдете и кажете ми дека сѐ е во ред. Дојдете и кажете ми дека вирусот не постои и дека можеме слободно да танцуваме во дискотека. Ние сме во херметички униформи на 30 степени, ние работиме додека вие се забавувате, и тоа за дополнителни 100 евра бруто месечно“. Оваа емотивна порака […]