На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести било одлучено Македонија да ја набави оксфордската вакцина против Ковид-19, но ќе помине време пред истата да биде дистрибуирана во земјава.
– Македонија е една од државите која е ставена во тој така наречен КОВАКС механизам за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефикасни вакцини против Ковид -19. Научниците брзо ја развија вакцината, пред сѐ поради претходните вирусни инфекции на САРС и МЕРС, за кои имаше доста сознанија, но и покрај тоа тестирањата сѐ уште траат. Мора да се почека одреден период за да се види колку време по примањето на вакцината во човековиот организам има антитела кои успешно се борат, односно човековиот организам е отпорен на корона вирусот. Може тоа да биде 3 месеци, 6 месеци, за сега не се знае, заради што најверојатно ќе биде потребно повторно вакцинирање – информираат од Комисијата за заразни болести.
Според Светската здравствена организација, Македонија ќе мора да набави дози од вакцината за 20 проценти од вкупното население, што значи дека ќе треба да добиеме 400.000 дози од оксфордската вакцина.