Еден од најпознатите и најтрофејни тренери во делот на млади категории во земјава, Драган Василов, почина синоќа на 64-годишна возраст за време на тренинг камп во Маврово.
Популарниот Цевка над три децении, со мали прекини, работеше како тренер на млади играчи. Низ неговите раце поминаа бројни познати кошаркари и македонски репрезентативци, пред сè од школата на Работнички, како Перо Антиќ, Емил Рајковиќ, Ѓорѓи Чековски, Александар Јончевски, а во младинските селекции и Димитар Мираковски, Златко Гоцевски, Александар Антиќ, Кирил Павловски…
Во 1999 година беше селектор на кадетската репрезентација на Македонија која го освои шестото место на Европското првенство во Словенија што досега е втор најдобар пласман на една македонската младинска селекција, по четвртото место во 1995 година.
По заминувањето од Работнички, работеше во уште неколку клубови како Торус СЦБТ, Партизан Водно Санс, Јуниор и Феникс 2010. После беше претседател на Тренерската комисија при Кошаркарската федерација и еден од лидерите на младинскиот камп кој се одржуваше во Маврово, во ко-организација на КФСМ и ФИБА.
Перо Антиќ објави фотографија со Василов и емотивна посвета на „Инстаграм“.
– Почивај во мир БАТКА – напиша тој.