Михајло од Гостивар одлучи јавно да проговори за битката со коронавирусот.
„Моите две деца и жената ми сѐ се во животот. Поради нив издржав“, вели тој.
На инфективното одделение во гостиварската болница бил сместен околу три недели, а претходно 10 дена имал температура која постепено му се качувала.
– Докторите во болницата постојано беа со нас. Освен тоа што се грижеа за моето здравје, тие во текот на денот доаѓаа и ме прашуваа како сум. Многу сум задоволен од нив и треба да се гордеме со нашите здравствени работници. Три недели без семејството не е лесно и затоа им порачувам на сите да носиме заштитна маска, затоа што таа нѐ штити нас и нашите најблиски – порачува Михајло.