Кривичниот суд во Скопје денеска ја изрече пресудата за сообраќајната незгода кај Млечениот ресторан во Скопје во 2018 година, во која животот го загуби едно лице, а неговата бремена сопруга и сопатничка се здоби со тешки телесни повреди и го загуби плодот. Жртвите беа патници на мотор чиј пат го пресекол возач на џип кој недозволено преминал преку двојна полна лента на булеварот Теодосиј Гологанов.
Судијката Елена Јосифовиќ одлучила да досуди само условна казна за возачот на џипот, кој патем ја признал вината и пред судот не се бранел дека е виновен.
По скандалозната пресуда проговори Наташа Апостолска.
– Денеска во Името на граѓаните на РСМ судијата Елена Илиевска Јосифовиќ при ОС Скопје 1 му изрече условна осуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, бебето и мене ме остави со тешки телесни повреди!!! Само затоа што признал! Дно дна!!! – напиша таа на „Твитер“.
Апостолска ги откри и лицата кои го воделе случајот.
– Обвинител Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска, број на предмет КО.бр.1256/19, Судија Елена Илиевска Јосифовиќ, број на предмет 16 К.бр.488/20 ОС Скопје 1, оштетена Наташа Димитриевска од Тетово – јас, Жртва Гоце Димитриевски од Тетово и нашето неродено бебе, обвинет Васил Чорбаџиев – напиша таа пред малку на социјалните мрежи.