Писателката Марија Јаневска со емотивна посвета се прости од нејзиниот братучед, 24-годишниот Филип Димишковски. Нему пред две години му беше извршена првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител.
– За нас ќе остане една огромна празнина, но ќе се обидеме да го паметиме секогаш насмеан, ведар, полн со разбирање и верба и љубов за животот. Погребот ќе биде утре на гробиштата во Бутел во капела 1 од 11:30 до 12:00 часот. Фичо, дада ќе те сака секогаш! – напиша Јаневска на „Фејсбук“.
Од Димишковски емотивно се простија и од невладината организација SANO.
„Ни кажа дека сакаш ливади, дека најмногу ти недостига мирисот на тревките, ни кажа дека многу не сакаш.
Другарче, и ние те сакаме најмногу, сега слободно трчај по твоите ливади, уживај во мирисот на тревките, а ние додека сме тука ќе продолжиме каде што ти застана. А, нашите другари, децата во болница, секогаш ќе ги потсетиме на нивниот неуморен, смешен Фичо“, напишаа тие.
Нема официјална информација која е причината за смртта и како дошло до влошување на неговата здравствена состојба. Неофицијално од лекарски извори, на младото момче му се вратила болеста акутна миелобластна леукемија, скоро две години по направената трансплантација на коскена срцевина.