Слободан Илиоски од Делчево ја загуби битката со коронавирусот. На социјалните мрежи масовно се простуваат од омилениот професор, како што велат, еден од најпозитивните луѓе кои воопшто ги познавале.
Познатиот Цобе беше професор по музичка уметност во СОУ „М.М.Брицо“, долгогодишен соработник на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, прекрасен човек, колега, омилен меѓу учениците и граѓаните на Делчево. Во својот богат работен век, беше член на оркестарот и пеачката група „Распеани Делчевчани“, како и на групата „Делчевска тајфа“, а од 2009 година работеше како раководител на пеачката група „Ѓурѓа“ и на оркестарот „Пијанечки еснафи“ кои работат во рамките на НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“ од Делчево. Со овие ансамбли и групи има настапувано на многу концерти во нашата држава, но и надвор од неа, каде успешно ја презентираше македонската песна, стои напишано на фејсбук-страницата на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“.
Од професорот Илиоски се простија и неговите колеги од СОУ ,,М.М.Брицо“.
„Се’ што мислевме дека знаеме за животот се промени денес. Судбината уште еднаш не’ потсети колку сме сите само еден момент, една воздишка, една насмевка.
Денес те изгубивме тебе, нашиот омилен професор по музичко, нашиот колега, нашиот пријател. Драг професоре, колега, пријателе!
Беше голема привилегија да се работи и да се другарува со тебе. Беше човек на кој секој од нас секогаш можеше да се потпре. Веруваше во сите нас, некогаш дури и повеќе отколку ние самите верувавме во себе. Несебично се даваше себеси во напредокот на сите, и наставници и ученици. Со тебе сите разговаравме за се’.
Сите уживавме во тоа со какво одушевување ни раскажуваше за сите твои патувања, за твоите настапи, за музиката за која живееше. Беше колега, пријател кој само може да се посака. Наша гордост. Пленеше со својата насмевка, разбирање и животната радост. Сите ќе ги паметиме утрата кога немаше никакви обврски, па ќе го земеше кларинетот и ќе засвиреше, онака од душа, душа голема како планина.
За тебе не постоеја граници. Беше единствен и неповторлив. Останаа толку многу работи кои можеше и сакаше да ги направиш, ама не стигна. Изгубивме голем човек. Постојат бесконечно многу нешта кои би сакале да ти ги кажеме.
Цобе, се надеваме дека сега си на некое поубаво место, дека се смееш како што секогаш се смееше. Се надеваме дека душата исполнета со љубов и среќа ти отиде во вечен спокој. Остави само добрина и најубави спомени за твоето постоење.
Вечна ти слава професоре, колега, пријателе!“
Авторски текст не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.