Во стравична сообраќајна несреќа денеска животот го загуби д-р Трајче Нешковски (32), поранешен генерален секретар на Социјалдемократската младина на Македонија.
Функционери на владејачката партија веќе почнаа да се простуваат со нивниот колега и пријател на социјалните мрежи.
„Се понадевав дека е грешка или лага.. Страшна вест. Почивај во мир Трајче!“, напиша на „Фејсбук“ министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Со потресна посвета се огласи и Костадин Костадинов.
– За момент помислив дека е само лош сон, ама не било.
Целото другарство, темелот на СДММ го поставувавме заедно, еден и единствен Трајче. Не сакам да верувам, но кој не’ прашува нас овде. Бог да те прости брат, другар Трајче.. До некое следно видување – напиша Костадинов.
Со голема жал од Нешковски се прости и Љупчо Николовски, заменик на Претседателот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси.
– Наш партиски другар и крајно посветен доктор кој беше тука за пациентите во буквално секое време. Даваше сè од себе работејќи во ковид центарот и периодов помогна на огромен број луѓе. За нас кои го познававме загубата е голема, а уште поголема е за здравствениот систем кој загуби врвен професионалец. Почивај во мир Трајче – напиша тој.