По долго боледување, утрово почина Горан Костадиновски – Гокси (51), еден од основачите на навивачката група „Комити“.
Костадиновски подолг период од својот живот беше дел и од „Сити Парк Бојс“ како идеен креатор на паролите кои оваа група ги истакнуваше на средбите на Работнички.
– Ќе го паметиме како голем другар, како лик кој поврза многу генерации, како инстутуција на Западната трибина од која учевме и многу научивме. Ќе паметиме дека своевремено беше дел и од структурите на Фудбалскиот Клуб Вардар. Комитски небесен Копу, прими ја оваа легенда со највисоки почести. Нека биде таму до вас и нека чува место за сите ние кои некогаш ќе се приклучиме за и од небесата ги исполнуваме заедничките завети. Сочуство до семејството и најблиските, бидете горди дека израснавте еден голем човек, голем Комита кој Западот нема никогаш да го заборави – напишаа неговите другари на „Фејсбук“.
Со емотивни посвети на социјалните мрежи се простуваат уште од еден млад човек кој го загуби животот. Популарниот Панчо од „ДНК“ напиша дека денес е тажен ден по загубата на Гого и Лаки.
– Иако навивавме за најлутите градски ривали (он за Работнички, јас за МЗТ ), со Гого не’ спојуваа Вардар и Хајдук. Секое гледање пеевме по една Хајдукова навивачка песна. Вистински УЛТРАС, забавен, добар и полн со анегдоти, прав СКОПСКИ лик. Лаки, е со Лаки учевме заедно во основно во исто школо различен клас. Чичко Ѓоко (татко му) ми беше учител по музичко, за подоцна да живееме во исто маало (јас се доселив таму) и често навечер знаевме да ги шетаме кучињата и да разговараме на различни теми. Сочувство до фамилиите, но секако сте на поубаво место, а јас „нема“ да тажам бидејќи сум среќни што бевте дел од мојот живот и што ве познавав. Еден ден сигурно повторно ќе се видиме негде горе. Почивајте во мир – напиша Панчо.