fbpx

Порасна без мајка, преживеа рак, двапати се разведе: Бурниот живот на Кесовија

Легендарната хрватска пејачка на медитерански рефрени и шансони има филмска животна приказна

Тереза Кесовија е родена на 3 октомври 1938 година во Конавле, село во близина на Дубровник, кадешто израснала со татко ѝ Антун, маќеата Јела и братот Перо.

Биле многу сиромашни, но пејачката со радост се сеќава на тој период. Мајка ѝ починала кога таа имала само еден месец, а татко ѝ се преженил со вдовица која не можела да има деца. Затоа целата своја љубов ја пренела на Тереза и на нејзиниот брат.

Од кариера во Франција до евровизиски дебакл

Кога имала седум години, станала член на хорот на радио Дубровник и така ја засакала музиката. Завршила средно музичко училиште, отсек флејта. Тој инструмент бил многу скап, па татко ѝ продал свиња за да ѝ го купи.

Во 1958 година победила на натпревар во Љубљана на кој учествувале млади музичари од цела Југославија. Со саати вежбала на својата флејта и била исплашена бидејќи првпат во својот живот требала да го напушти Дубровник. Во Загреб запишала музичка академија и свирела во симфонискиот оркестар на радио Загреб. Дипломирала на отсекот за флејта.

Првиот поголем настап го имала 1961 година во загрепското Варијете. Соработувала со Зденко Руњиќ, Арсен Дедиќ, Кемал Монтено.. Во 1965 година почнала да настапува во Франција, а една од првите песни што ги извела била „Ларина песна“ од филмот „Доктор Живаго“.

Тринаесет години подоцна одржала солистички концерт во париска Олимпија кој е еден од најзначаните настани во нејзината кариера. Иако била многу популарна во Југославија, сепак се одлучила да ризикува и да замине во нова средина. Почетокот бил премногу тежок затоа што дошла сама, без синот и сопругот и не знаела француски јазик.

Кога собрала малку пари ја повикала тетка ѝ и синот да ѝ се придружат.

Избрана била да го претставува Монако на Евровизија, но не освоила ниту еден поен и била на последното место.

Тереза е добитничка на „Златна повелба на хуманизмот“ и настапувала на концертите организирани од УНИЦЕФ. Освен на хрватски, своите песни ги пеела на уште осум светски јазици: словенечки, италијански, француски, руски, англиски, германски, шпански и португалски. Запознала големи ѕвезди како Чарли Чаплин, и Ричард Бартон.

Пропаднати бракови и семејна драма

Кесовија позади себе има два развода. Првиот со пејачот Миро Унгар кој го смета за добар човек, а другиот е со Роналд Лопатни за кој кажува дека е осветољубив и дека му било драго кога останала на улица.

Тврди дека морала да глуми маж за нејзините сопрузи. И во двата случаи отишла кога сфатила дека повеќе нема љубов.

Во 1963 година го родила Алан. Неговата сопруга Љиљана и ќерката Мила ги обожава. Никогаш не се мешала во животот на синот и снаата затоа што премногу ѝ се мешале во нејзините бракови.

Пејачката во 2010 година објави автобиографија во која ги опишува најтешките моменти од својот живот. Еден од нив е војната во која нејзината куќа била запалена. Се чувствувала протерана од Дубровник и сметала дека луѓето на нејзината љубов одговориле со омраза. Вториот е кога дознала дека нејзиниот брат загинал во сообраќајна несреќа.

Тереза преживеа рак на бубрези како и неколку операции на гласните жици и ушите.

Никогаш не ја поддржувала естетската хирургија и тврди дека никогаш не направила естетски зафат.

Иако зборувала дека веќе никогаш нема да настапи во Србија, сепак во 2011 година одржала концерт во Сава Центар, а во 2013 во Дом Синдиката.

Изјавила дека Белград секогаш ѝ извлекува солзи и дека го посетила гробот на Тито. Никогаш не ја криела почитта што ја имала кон Маршалот поради што била осудувана.

Преживеала многу тешки моменти во својот живот, а музиката ѝ помогнала да продолжи понатаму. „Без музика не можам да си го замислам животот“, порача таа.

Следни Објави

Мојот божји татко замина на подобро место: Пријателите неутешни по смртта на Чеврески

Смртта на актерот и професор Данчо Чеврески (69) ги вознемири македонските културни работници, но и неговите пријатели кои денеска му посветуваат емотивни статуси на социјалните мрежи. Актуелната министерка за култура, Ирена Стефоска, на „Фејсбук“ напиша дека со големо жалење ја примила веста за смртта на нашиот еминентен театарски, филмски и […]