Смртта на актерот и професор Данчо Чеврески (69) ги вознемири македонските културни работници, но и неговите пријатели кои денеска му посветуваат емотивни статуси на социјалните мрежи.
Актуелната министерка за култура, Ирена Стефоска, на „Фејсбук“ напиша дека со големо жалење ја примила веста за смртта на нашиот еминентен театарски, филмски и телевизиски актер и продуцент.
– Данчо Чеврески беше еден од големите сонувачи на македонскиот театар и филм, творец кој со својот децениски професионален влог остави неизбришливи траги во македонската култура. Неговиот придонес во развојот на македонската театарска уметност, многубројните улоги остварени на сцените на нашите театри, како и неговите антологиски филмски ролји во најзначајните остварувања во македонската кинематографија, но и во поранешна Југославија, се само потврда дека загубивме голем уметник, кој беше гордост на нашата држава. За респект е и неговата педагошка активност на Факултетот за драмски уметности, каде со голема посветеност и љубов едуцираше генерации актери и режисери – напиша таа.
Емотивно обраќање за својот пријател и колега има и познатиот актер и музичар Петар Георгиевски – Камиказа.
– Мојот божји татко отпатува на некое подобро место. Неговите досетки и итроштини засекогаш ќе останат да живеат.. Ти благодарам што од студент до последните наши средби ме куражеше и ми даваше ветер во грб.. Патувај куме и нека ти е светол патот кон вечниот дом.. Последната фамилијарна средба беше на венчавката на Кристијан.. Солзи сами течат, прости ми куме. Почивај во мир, легендо – напиша Камиказа.
Во јули минатата година, Чеврески беше гостин во емисијата „Патот до успехот“. Новинарот Мишко Иванов денеска се потсети на таа нивна средба.
– Се договарвме едно три години за „Патот до успехот“. Само ми кажа, ќе се појавам само кај тебе во емисија, само дај ми малку време, морам да се подготвам за во твојата емисија. Му велам не ми зборувај така, ми создаваш притисок, хаха.. Беше, јули 2019 година, топло, договорени да снимаме и ми вели, дојди кај просториите на поранешна Македонија филм, сега е кафуле.. Направивме одлична емисија. Си ја отвори душата комплетно, имав чувство како да сакаше да каже се’, и така направи. Беше смирен, но полн со хумор. Фалеше, но и критикуваше. Зборуваме за се’, и за филм и за телевизија, и за нашите доајени од Прличко, преку Илија Милчин, до Шишков, Дамевски, Коле Ангеловски, Владе Милчин.. Зборувавме и Бата Живојновиќ и за Мики Манојловиќ, зборувавме и за изместениот систем на вредности. Велеше, не унаказија изминатиов период, мора да ја средиме државата.. Па, раскажуваше анегдоти од снимање југословенски и македонски филмови.. Јас му велам, кажи ми како Бата те носеше на грб.. Се смеевме.. Ми вели, кој ти остана уште за снимање, му велам, еееххее имам уште, Мики Манијловиќ си го снимал, велам не, се договарме, зема телефонот веднаш му сврте ќе дојде Мишко, и почнува да ја фали целата екипа што работиме, друг кој, Даница сакаш, па сврте на Даница Максимовиќ.. итн.. Можам уште да пишувам, но.. знај, остави многу зад себе, многу. Има што да гледаат младите, а и да учат.. Ех мој, наш Данчо, прерано замина.. Почивај во мир голем човеку – напиша Иванов на „Фејсбук“.