Почина скопјанката Мејрем Исмаил (34) која пред неполн месец го оперираше желудникот во Турција за да ја намали телесната тежина, информира „Женски магазин“.
На само еден ден пред зафатот, Мејрем откри дека од преголемата тежина (250 килограми) подолго време не е излезена од својот дом. Пред неколку месеци ја продала и куќата за да може да ги покрие трошоците.
Кога имала 14 години, од рак на дојка починала нејзината мајка и оттогаш драстично почнала да ги качува килограмите.
– Последните три години живеам со татко ми кој е со мозочен удар и тотална инвалидност, од неговата пензија. Немав можност да одам по лекари, но и од мојата гојазност не можев ни во автобус ни во такси да се качам. Дојдов до фаза која не можам ни татко ми да го гледам ни самата да се гледам. Јас од дебелина сама веќе не можам да станам ни од кревет, ни да одам во тоалет, ниту да излезам во двор. Години наназад и не излегувам ниту до продавница, ниту никаде. Од погледите на моите комшии, од тоа што сите ме гледаат чудно јас и немав желба да излегувам. Но, жално е тоа кога сакаш да излезеш во двор, а не можеш тоа да го направиш – раскажа Мејрем за „Женски магазин“.
Според лекарскиот извештај, починала од срцев удар.