До сите вас кои се уште не верувате во вирусот, Охриѓани и останати, до сите вас кои безобразно го ширите вирусот знаејќи дека имате симптоми, пиете парацетамол и одите на работа, по маркети, по кафиња и по комшии.
Седми ден се борам со Ковид 19. Во моиве 43 год. досега не сум се соочила со вакво нешто, а сум поминала доста. Но ова другари не е вирус, ова е чудовиште. Те легнува, те врзува за кревет и со сета своја сила те дроби, ти го зема здивот и ти ја убива психата. Не се лажете дека е обичен грип!!!
Се дури си дома пак се држиш некако. Е ама кога влегуваш на инфективно почнува вистинската слика за Ковид 19. До секој кревет боца со кислород, се борат луѓе за здив, сини во лицето, лежат во соба и татко и син, и мајка и ќерка, и снаа и свекрва, мајка која го изгубила синот од Ковид, и сама се бори за живот (пусти живот нејзин).
Персоналот наоружан до заби, скафандери маски визири и така 24 часа трчаат од кревет од кревет, се чудиш од каде им е силата. Во меѓувреме надвор стотина пациенти во текот на целиот ден чекаат ред за преглед, за брис. И те обзема бес!!! Ти текнува на сите оние кои не веруваат во вирусот ама секојдневно фрлаат дрва и камења по Филипче и здравството.
Другари ич не го сакајте Филипче и владата, сакајте се себе си и вашите блиски, заради вас самите почитувајте мерки. Не верувајте во глупости дека даваат пари за да кажеш дека си болен од Ковид. Нема пари кои можат да го платат стравот од смрт, стравот за децата и блиските, а болката и маката?
Јавно упатувам апел до сите. Не криете дека сте болни, не седете дома со парацетамол. Не е грев да си болен, грев е да криеш, да заразуваш недолжни луѓе, хронично болни кои заради вас може и да умрат.
Болничките капацитети се полни, и сами сме виновни бидејќи 8 месеци секој ден се укажуваше на тоа. Знаејќи ја силата на нашето здравство секој ден здравствените власти не молат да почитуваме мерки за да не колабира здравствениот систем. За ваков неодговорен народ и овој здравствен капацитет е многу.
Секоја чест за здравствените работници. Господ да им дава сила за да издржат до крај.
Фејсбук-статус на Лидија Неданоски
* Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“