По кратко боледување како последица на Ковид-19, почина познатиот доктор-специјалист, ортопедски хирург и сестран уметник, Драган Спасески Охридски (60).
Неговите сограѓани велат дека бил почитуван во професијата и врвен интелектуалец. Автор е на бројни уметнички дела, кои биле излагани во земјата и во странство, а пишувал и проза и поезија.
„Беше голем поддржувач на уметноста и уметниците, широко отворајќи ги вратите за уметничките души на неговата галерија „Резонанца“ каде се реализираа бројни изложби. Автор е и на повеќе уникатни ентериери на хотели и угостителски објекти, кои ги красат негови дела“, информира порталот „Охрид њуз“.
Минатата година со голем мултимедијален проект во црквата Св. Софија Спасески одбележа 30 години од неговата прва изложба во 1989 година.
Беше семеен човек. Зад себе остави сопруга и син.