Радиологот Поликсена Стојановска – Ѓоргиевска ја загуби битката со коронавирусот.
Вработените во Здравствениот дом во Ресен со емотивна посвета се простија од својата колешка. Нивната објава ви ја пренесуваме во целост:
Тешко е да се простиш од некој и да кажеш збогум кога е тој нераскинливо врзан за твоето постоење и функционирање. Но е лесно кога треба да кажеш што се’ тој човек значи за нас.
Поликсена Стојановска – Ѓоргиевска, нашата Поли – специјалист по радиодијагностика. Целиот свој работен век е дел од овој колектив, сето свое знаење и квалитет ги вгради во оваа институција, цела своја човечност и топлина им ја даде на пациентите во Преспа.
Насмеана, тивка, одмерена, но со силен став и професионалност. Беспрекорна во својата работа, без компромисно да одговори на лекарски позив, па дури и во овие времиња – невремиња беше во првата линија, не враќајќи ниту еден пациент, не отстапувајќи ниту еден ден.
Глас никогаш не повиши, но одекна многу далеку и силно. Поли- прекрасен човек, голем професионалец, незаменлива сопруга и мајка.
Ни е чест што беше дел од овој колектив, што имавме прилика да чекориме покрај тебе во животот и работата.
Почивај во мир
Од вработените во Здравствен Дом- Ресен