Поранешната тенисерка Марија Шарапова се вери со британскиот милионер Александар Гилкес со кого е во врска од 2018 година.
Убавата Русинка радосната вест ја сподели со нејзините следачи на „Инстаграм“.
– Кажав „ДА“ уште првиот ден кога те запознав. Тоа беше наша мала тајна, зарем не? – напиша Марија под заедничката фотографија.
Гилкес е роден во Лондон и потекнува од богата фамилија. Татко му е реномиран стоматолог, а мајка му професорка на Оксфорд. Студирал на престижен факултет и се дружи со бритснскиот џет-сет, меѓу другите и со принцовите Вилијам и Хари. Неговиот примарен бизнис е ланецот галерии за современа уметност „Пејс галери“ со локации во најголемите светски метрополи, од Њујорк до Сеул.
Позади себе има еден неуспешен брак со познатата дизајнерка и стилистка Миша Ноно. Шарапова, пак, претходно беше верена со словенечкиот кошаркар Саша Вујачиќ, а Гилкес го запозна бргу по разидувањето со тенисерот Григор Димитров.