Се плашам, кога сето ова ќе пројде, што ќе остане од човештвото, како луѓето ќе изгледаат? Која ќе биде нашата морална, емоционална, ментална матрица? Луѓето уште долго ќе се плашат едни од други, на што ќе личиме како општество?
Ова е дел од искреното интервју на Влатко Стефановски за српски „Телеграф“ во пресрет на неговиот заеднички настап со хрватскиот пијанист Матија Дедиќ на 20 декември во рамките на Белградскиот џез фестивал, кој се одржува и покрај пандемијата.
Македонскиот легендарен гитарист отворено зборува за предизвиците кои ни ги наметна коронавирусот.
– Ние останавме без работа. Нашата фела се провлекува низ „иглени уши“. Секој концерт стана некаков голем настан, бидејќи ги нема повеќе. Музичарите седат дома и размислуваат што понатаму. Не само музичарите, туку и актерите, оперските пејачи, балетаните, едноставно целиот уметнички свет. Сите патиме и трпиме поради овој период во историјата на човештвото. Но, сепак, кога ќе излезам на сцена не размислувам ништо, само свирам. Го исклучувам мозокот и сите грижи, стресови и нервози ги ставам на страна и ѝ се препуштам на музиката – вели Стефановски.
Тој забележува дека во моментов се соочуваме со едно страшно бомбардирање на нашите души и на нашиот разум од страна на медиумите.