Според истражувањето кое го спровело Министерството за образование и наука, само 40 проценти од македонските ученици во второ одделение читале со разбирање. За разлика од нив, во светот 80 проценти од второодделенците разбирале.
Дури 84 проценти од анкетираните наставници биле согласни за реформи во образованието, затоа што учениците заостанувале со знаењата зад нивните врсници од другите земји, информира Сител.
Новиот концепт во основно образование треба целосно да се имплементира во наредните пет години. Ќе почне од септември со учениците во прво и шесто одделение. Ќе има девет задолжителни предмети, меѓу кои новите општествени и природни науки кои ќе треба тематски, поврзано да се предаваат, а наставниците самите ќе ја селектираат содржината. Нови учебници ќе има, бидејќи тие и онака требало да се ревидираат, објасни министерката Мила Царовска.
На учениците ќе им биде оставен избор за втор странски или албански јазик, како и други два изборни предмети кои ќе бидат селектирани според нивните интереси.
Новиот концепт предвидува учениците до петто одделение задолжително да поминуваат по пет часа во училиште, а поголемите по шест часа. Според МОН тоа не значи дека сите часови ќе бидат наменети за предавања.