Не стивнуваат реакциите по силниот земјотрес кој утрово ги затекна жителите на Хрватска. По македонската актерка Јелена Јованова, своето непријатно искуство го сподели и подзаборавената ѕвезда од 90-те години на минатиот век, пејачката Ивана Банфиќ (51).
Таа со сопругот и со синот живее на само 11 километри од Петриње каде што беше лоциран епицентарот.
– Исплашени сме, но ќе помине и ова. Земјотресот нѐ разбуди. Скокнавме од креветот. Не можам да проценам колку траеше, но силно се почувствува. Истрчавме во дворот голи и боси. Имаме две стари дрва, ореви, кои не престануваа да се тресат, иако немаше ветер. Синот најмалку се исплаши, од децата треба да учиме како да живееме. Внатрешноста на куќата е во ред, сега треба да провериме наоколу. Сѐ уште се опоравуваме од шокот, но живи и здрави сме, а тоа е најважно – вели Банфиќ, најпозната по хитот „Годинама“ кој го сними во дует со Дино Мерлин.