Постојаното бришење на површините со алкохол и опседнатоста со дезинфекциски средства се претерана реакција, сугерира новото истражување
Студијата на авторот Емануел Голдман, микробиолог од Универзитетот Рутгерс во САД, инаку објавена во научниот магазин „Лансет“, покажала дека е малку веројатно личноста да се зарази со корона ако дојде во контакт со површина на која претходно биле присутни честички на вирусот.
„Во болниците се тестирани површини во близина на пациенти позитивни на Ковид-19 и на нив не е пронајдена заразна верзија на вирусот“, подвлекува Голдман.
Според неговите зборови, вирусната рибонуклеинска киселина која е пронајдена е всушност „леш вирус“, единственото што останува кога вирусот ќе умре.
„Кога ќе се најде во околината, вирусот е многу слаб и многу бргу исчезнува“, појаснува тој.
Неговите заклучоци се спротивност на сите студии кои од почетокот на пандемијата предупредуваа на тоа дека коронавирусот на некои површини може да преживее и неколку денови.
Се зборуваше за пренос на вирусот кога инфицирана личност кива и кашла во близина на некои површини, а потоа друга личност ја допира таа контаминирана површина, па ги допира очите носот и устата. Затоа беше толку важно се’ да се дезинфицира редовно и да се носат ракавици. Сега експертите истакнуваат дека сите докази укажуваат на тоа дека вирусот се пренесува преку вдишување на неговите честички.
Од друга страна, се поставува прашањето колку постојаното дезинфицирање на кваките на вратите, но и прскањето на животните намирници со силни средства може да биде опасно.