Жителите на Петриња уште еден ден поминаа под отворено небо и во своите автомобили, откако катастрофалниот земјотрес ги остави без нивните домови.
И понатаму се во шок од се’ она што им се случи пред два дена, а денеска си ја отворија душата пред тамошните медиуми.
„Во нашата улица, 70 отсто од покривите на куќите се уништени. Се грееме во автомобилите. Чувајте се луѓе, почнаа и да крадат. Спиеме под отворено небо, така и ќе влеземе во новата година“, вели еден од жителите на Петриња.
Мештаните апелираат властите што побрзо да им обезбедат шатори и камп приколки. Не сакаат да се вратат во своите домови. Велат многу од куќите се значајно оштетени и се плашат од нови потреси.
„Вечерва ќе отвориме шампањско, единственото шише што не се скрши“, со солзи во очите порача една жена пред камерите.