Актерката Весна Петрушевска се огласи на социјалните мрежи по апсењето на српскиот режисер, сценарист и учител по глума Мирослав Мика Алексиќ осомничен за силување и за сексуално злоставување.
Популарната Бејби пред неколку години се соочи со слична животна драма кога проговори за траумите кои ги доживеа нејзината ќерка. Подоцна лицето кое изврши полов напад врз нејзиното дете беше осудено на 12 и пол години затвор.
Петрушевска преку отворено писмо ѝ даде максимална поддршка на младата српска актерка Милена Радуловиќ која собра храброст да го пријави настраниот професор.
– Милена има 26 години, глумица е (патем одлична ) со својата изјава дека била сексуално злоставувана од својот учител по глума е повеќе од храбар чекор. Доста со глупавите прашања: Зошто сега? Само жртвата има права да одмолчи! Само жртвата има право да одлучи кога ќе сака да каже! Приказната е монструозна и со длабоки и немерливи последици. На крајот, Милена е извонредно општествено одговорна личност. Нема компромис за предатори, дали тој бил учител по глума (што ја прави оваа околност многу страшна затоа што децата сонуваат и учат на актерска игра) или било која друга професија. Педофилот нема професија. Изопаченоста и нивната потреба да се задоволат сексуално е посилна од макар малата помисла на нивните жртви кои во голем процент завршуваат со самоубиства. Тоа се бројките! Во животот на жртвата се преплетуваат несигурност, недоверба, секогаш се сомничави дали се доволно добри, преземаат улога на виновни (знаејќи дека не се).. ниту една жртва на педофил не е виновна, тој само ја искористува својата предност – напиша Петрушевска.
* Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.