Прерано починатата југословенска актерка Мира Фурлан цели 35 години беше во брак со српскиот режисер Горан Гајиќ во кого беше лудо вљубена.
„Домот е таму кадешто е срцето“, изјави таа во едно интервју во 1988 година.
Така и остана – поминаа заедно три и пол децении додека смртта не ги раздели.
Кога се вљуби во Горан, Фурлан живееше на релација Белград-Загреб, но тоа не им се допадна на хрватските медиуми кои ја етикетираа како „шпион“.
Во тоа време добива отказ од челниците на Хрватскиот народен театар, одземен ѝ е станот кој го наследила од нејзината баба и наводно добива по педесетина смртни закани на ден.
Но, љубовта меѓу Мила и Горан е посилна од се’, па приморано се отселуваат од Југославија. Далеку од дома, во САД почнуваат буквално од нула. Тогаш им помогнала легендарната актерка Милена Дравиќ со нејзините контакти во Америка.
На почетокот прифаќале различни работни места за да преживеат. Горан како курир и монтажер, а Мира како келнерка, продавачка и преведувач. Две години подоцна стапуваат во брак, а во 1998 година го добиваат синот Марко Лав.
– Браковите се распаѓаат, како кај емигрантите, така и во нормалниот живот, но нашиот издржа и тоа го сметам за големо достигнување во животот. Најлесно е да одмавнете со рака и да се збогувате, а најтешко е да се изборите за нештата да траат. Луѓето мислат дека спас ќе пронајдат во нови почетоци, во нови личности, во нови соништа. Но, новите работи бргу се трошат и човекот повторно се среќава со себеси, со сопствените проблеми. Решението, би рекла, никогаш не е во друга личност, туку во нас самите – изјави Фурлан во една прилика.
Фото: Грго Јелавиќ/Пиксел